. ..буквите кои притаено излегуваат од устата и се редат како славеи и ластовици по жиците во пролет. Photobucket
on Wednesday, January 28, 2015


.на официјалната страница на општина Струмица на facebook денес беше објавено дека годинава министерството за култура финансиски не го поддржува „Струмичкиот карневал“.


.за што станува збор и зошто така се однесува нашата држава со нашиот град се гледа од авион, доколку би се изразиле архаично. но, поентата на овој блог пост нема да биде “млатење во слама“ или реторичко повторување на мислите на мнозинството на граѓани, а секако нема да бидат прескокнати и старите болни рани на кои многумина ќе се присетат и можеби, во длабока храброст ќе се обидат да ги стават како аргумент на маса.

драги пријатели и луѓе кои го читате овој блог, низ содржините овде ќе пронајдете многу мои ставови, кои се најчесто критични за одредени актуелни случувања во нашата ни “мила и напатена државичка“, па така, како што пишував пред извесно време за селективноста при изборот на дела и проекти кои поминале од истото министерство за култура оваа година, со овој текст само ќе се надоврзам на моето незадоволство во селективноста и правото за избор на манифестации/ настани и дела кои се национален интерес за државата.


„Струмичкиот карневал, манифестација со вековна традиција и со најголем број учесници и посетители во Република Македонија, како да не постои за министерството за култура. Ова министерство ја одби пријавата на општина Струмица за проектот меѓународен струмички карневал 2015 доставена на годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на музичка и музичко – сценска дејност за 2015 година. Нема конкретно образложение зошто се одбива пријавата на општина Струмица, туку, дека се одбива согласно со дополнително направената уметничка, професионална и непристрасна селекција на стручната комисија за музичко – сценска дејност, согласно оценката на квалитетот на проектот изразен преку целите и ефектите на проектот и конципираноста на проектот во согласност со приоритетите во музичка и музичко – сценска дејност за 2015 година.“ 

(од објавата на општина Струмица)

:со ова само уште еднаш оваа држава покажа дека нема основни познавања и систем на вреднување кои би биле во однос со разумот на секој развиен современик кој се обидува на било кој начин да прави афирмација на нашата држава, која за жал уште од самиот зародиш е некој очаен хибрид, форма на држава која во последниве неколку години добива само укор од сите развиени “пријатели“ кои ги имаме во светот, а ова министерство уште еднаш покажа дека е типично “министерство за некултура“!
не знам зошто во моментов ми текнува на книгата „министерство на болката“ од Дубравка Угрешиќ, но можеби е затоашто во моментот не станува збор за некаква си (физичка) војна, иако кога подлабоко ќе се размислам секако станува збор за некоја форма на војна (тортура) и тоа можеби онаа потешката, менталната, умствената, или онаа што ни е наметната од страна на државата, а се коси со секоја здрава мисла.


ако сакаме да навлеземе подетално во можните причини зошто нашиот карневал е игнориран, наспроти селските пагански паради во државата, ќе навлеземе во една подлабока структура на теми и дилеми, кои како “зелката со кошули 300“, ќе се налепат, вака или онака сами по себе. за жал една од основните причини која мене ми се провлекува како прва за носењето на ваква одлука е преместувањето на терминот на одржување на карневалот, кој за жал mainstream политиката во државата си мисли дека беше директно и/ или делумно наметнат од страна на актуелната (опозициска) власт во градот. јас со ова не би се согласил, а моето мислење по ова прашање, иако длабоко во себе тогаш, а и сега (можеби), уште сум убеден дека не беше правилно го кажав, а тоа е:

- на форум на граѓани пред неколку години се одлучи карневалот да биде преместен во сабота, ден кој беше најблискиот викенд до празникот/ традицијата поради која се одржува самиот карневал.

имаше и позитивни и негативни коментари по таа тема, како и тогаш така и денес,
а јас сум среќен дека барем беа викнати граѓаните, а бев еден од оние кои се противеа на идејата за преместување на денот на карневалот, и тоа јавно, на истата трибина/ дебата за која во моментот некој ќе инсинуира дека сме разбрале отпосле, и е главната причина зошто ете постепено не игнорираат, а факт е дека не беше така, туку сите оние кои секогаш сакале да бидат активни граѓани на градот беа навремено информирани и можеа да се вклучат во истата!



темата на овој пост е: НА „КАРНЕВАЛ СО ТРАДИЦИЈА“ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА (НЕ)КУЛТУРА ОВАА ГОДИНА ФИНАНСИСКИ НЕ ГО ПОДДРЖА, а апропо на (не)поддржувањето на министерството поради политички дискурси кои за граѓаните (како едно) се небитни, само ќе го споменам дека и стариот струмички театар кој требаше да биде изграден уште пред 4 години и тоа само ако следиме медиумски, а ако следиме по документи и троа порано, уште нема ни „И“ од било каква изградба, додека гипсовите во Скопје, полека, но сигурно веќе почнаа да се распаѓаат.

нејсе, “шуќур“ ни се такви плитки поддршки од нашето ни “врвно, високо-елокветно, трудољубиво министерство“ за после да дојдат и да се “кипрат“ со изјави за “шител“ како тие го направиле овој карневал ова што Е. духот на Струмица и Струмичкиот карневал е нешто што е навистина препознатливо во светот, сакал или не, на некого да му се допаѓа тоа, а градот на многу нивоа и во многу сектори покажа и докажа дека годиниве (од кога е оваа власт на функција) може да функционира(!) и тоа без финансиите од државата, кои сепак треба да сме СВЕСНИ И ГЛАСНО ДА НАГЛАСИМЕ дека се директни пари на народот, односно на нас граѓаните и последователно на тоа би требало по дифолт (дефиниција, закон, УСТАВ, whateva1) да ни следуваат, а нашите општински управи да управуваат со истите како мислат и каде мислат дека се потребни.
 


и додека полека-полека светот ја препознава Струмица, онаква каква што е со сите манифестации и природни богатства кои ги има и поседува и истите ги вреднува онака како што треба, односно ги мапира соодветно на нивните карти, без разлика дали се тие за култура, општествен/ економски развој, природни убавини, традиција итн, тие упорно, како “ИМПАКТ ФАКТОР“ меѓу “напатените граѓани“, на кои се обидуваат на било кој начин да ги догазат, се служат со игнорирање, мешање на баби и жаби, заменување на тези, а сите тие СЕ големи (битни) и клучни точки за моменталната состојба во државата генерално и имплементаторите се директни виновници за уназадувањето на нашата држава, за која соодветно и своевремено секој од чинителите треба да одговара, а оваа тема во догледна иднина би требало да биде “смешка“, оти секој од нас на некој начин сака да си ги истури “фрустрациите“ во туѓ двор, оти нели од “памтивек“ така сме научени, а тоа државата најубаво го прави со овој пример, заборавајќи дека Струмица е дел од Македонија, а не некој туѓ двор воден од узурпатор! 



во една дискусија споменаа дека доколку сме сакале да бидеме поддржани од министерството за култура, требало со референдум да одлучиме дали ќе го промениме терминот на одржување на карневалот (замисли?!). морав на тој коментар скромно да се надоврзам вака:
- ние не сме направиле попис на граѓаните на РМ питај Бога од кога, ти пријателе(?!) говориш за референдум на манифестација која има стабилна управа од 90ти. дегутантно е да се задушуваат манифестации како карневалот со финансиски маневри, само и само да покажат кој е “шериф“ во државата, бидејќи ете како беа потребни “реформи“ (актуелно зборче за простата раја) во самата форма и стратегија за развој на карневалот, затоа не е ист како пред 15/ 20 години, но не можеме да кажеме дека е уназаден, туку дека во него земаат активно (под маски) учество голем дел од нашите сограѓани, да не споменуваме за интернационалната перспектива која ја добивме и меѓународните гости кои ги стекнавме после овие промени. исто така и отворените можности на дел од групните маски да се претстават и надвор од “струмичкиот карневал“... т.е. не може бре ДРЖАВАТА и министерството да НЕ НЕ` “есапи“ ни 2% како манифестација/ карневал кој е најрепрезентативен наспроти сите други “паганарии“ кои се длабоко финансирани од државата, а во суштина се деструктивни на нас како “развиена држава“, нали?



како за крај за моја лична архива ќе го споделам овде и коментарот на Сузана Мицева (новинарка) кој директно продира во одговорот на другото прашање кое (ќе) се наметнува во дискусиите поврзани со годинашнава НЕПОДДРШКА ОД СТРАНА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА (НЕ)КУЛТУРА, а се однесува на фузијата која успеа оваа организација да ја направи помеѓу она што значеше наследен пагански карневал, и негов обид за адаптација на времето во кое се одржува, односно познатиот струмички празник „ТРИМЕРИ“. еве го во прилог, секако малку модифициран, за да биде прилагоден на овој текст:

- „Струмичкиот карневал датира од паганско време, пријатели, но кај него преовладува еротската содржина. Подоцна, се поврзува со верскиот празник Тримери како и почетокот на велигденскиот пост. Организираната форма е востановена во седумдесетите години на 20 век, а обновена 1990-тите. Постоење на карневал и организирано славење, одржување се две сосема различни работи. И кај нас, токму заради акцентот, на традицијата, верата, и новите текови, трае речиси една седмица.“

 
p.s. како и секогаш , бескрајно сум благодарен на граѓаните сончогледи, на граѓаните мечки (кои вечно спијат), на плакатољупците и на сите оние кои се горди на својата глупост, неписменост, релативизирање, несмислено “плампање“ по фб итн.

важни линкови: 
- Global Voices пишува за Струмичкиот карневал
- Macedonia's Strumica Carnival Continues 350-Year Tradition 
- Strumica Carnival, Macedonia (BalkanGeoTurismTravel) 
- From Brazil to Macedonia: Carnival Ignites Colorful Celebration 

(секако дека има уште интернационални линкови, но сметам дека сте доволно паметни, ако не повеќе барем да побарате по google)

до следна карневализација, односно читање, поздравус големус.
СЕ ГЛЕДАМЕ НА СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ!

on Friday, January 23, 2015


Во период кога цела држава говори за екстремното загадување на воздухот, тие дојдоа и го УНИШТИЈА целото зеленило кое секој од нас соседите грижливо го одржуваше во последните 15 години, кога решивме да го посадиме и да си направиме од нашата улица мини зелена бајка.


Денес г-дин Балтаков (некој си дедо со 80+ години) како “единствениот“ претставник на нашата месна заедница, заедно со претставникот на „Комуналец“ Струмица, реши со нечовечки сечачка бучава да го разбуди целoто наше соседство и сите вознемирени и револтурани комшии да ги извади на улица.


Имено, во период кога цела држава говори за екстремното загадување на воздухот, тие дојдоа и го УНИШТИЈА целото зеленило кое секој од нас соседите грижливо го одржуваше во последните 15 години, кога решивме да го посадиме и да си направиме од нашата улица мини зелена бајка.

Дотичниот “нетокму старец“ кон крајот на 2014 година, се појавуваше на сите форумски сесии одржани од страна на општина Струмица каде граѓаните веќе неколку години со свое учество дискутираат за своите проблеми, но и со свои конструктивни идеи и решенија се обидуваат да ја подобрат нашата градска средина и иако додека “без усул и никакво ниво на култура за дебата“ овој дедо се “нафрлаше“ во разговорите со неговите налудничави идеи за кои со ЦЕЛАТА МОЈА ОДГОВОРНОСТ можам да потврдам дека од мнозинството граѓани беа слушнати како фарса, непотребно одземање на нашето време, а од некои богами и со тивок или гласен потсмев. Морам да кажам дека меѓу неговите тотално глупави идеи како треба да се пополнат некои дупкички низ нашето маало, како треба да се асфалтира пред неговата куќа или пред оние од кои е пратен (како навидум тоа одговорните од градот не го знаат или воопшто не интервенирале), тој даде една идеја која и јас ја поддржав. Тоа беше идеја за трасирање или асфалтирање на патот до “двата пата“, место каде пред неколку години во огромен шумски пожар загинаа неколку мои комшии, истовремено и пријатели и школски, да не спомнувам дека наместо да се пошуми таму, а и да се помисли на малите деца кои храбро се жртвуваа да го заштитат она зеленило кое останува завршија и со трајни лузни и изгореници. Во тие моменти тој никогаш не спомна дека сака да бидат сечени дрвјата во нашата “слепа“ улица, што нема никаква допирна точка со неговата, а која по некоја чудна инфраструктурна логика, иако е една од најдолгите, улицата по “поројот“ (Крушевска Република), баш околу овие неколку (наши) куќи станува “слеп завршеток“ и малку погоре повторно продолжува. Да го кажеше ГЛАСНО таму и тогаш, пред граѓаните на цела Срумица ќе застанев и ќе му се СПРОТИСТАВЕВ!



Токму тој (нашиот) слеп завршеток секогаш бил одлично и безбедно место за нас како мали да си играме без да се плашат нашите родители од автомобили, такво е и сега, а поради истата причина решивме истата и да ја “раззелениме“, така по целиот тек на оваа улица, овој наш дел е единствениот кој беше посаден и зелен, а тоа за нас освен што во лето беше сенка и прочистувач на нашите гради, беше препознатлив и уникатен појас кој не правеше горди (сепак одржувањето беше целосна наша одговорност), а освен дрвјата секој од нас пред својата порта си имаше посадено најразлични цвеќиња, розмарини, помали борчиња и сл.

Денес, на огромна жалост беа сечени седум (7) тополи кои јас и мојот татко ги носевме 100 км за да ги посадиме овде, беше пресечена една црница која исто така беше најслаткиот плод за повеќето дечиња од нашата улица и две диви маслини, кои во периодот кога цветаа ја создаваа најубавата миризба овде. Денес, од страна на пијани вработени кои под око очајно гледаа и потсвесно се согласуваа со нашиот револт (нели нема што да прават и така се најдискриминирани од сите во градот дека се “комуналци“), сето ова беше УНИШТЕНО, ДОЛЖНОСТА БЕШЕ ИЗВРШЕНА БЕЗ НИКАКВА ПРЕТХОДНА ИНФОРМАЦИЈА, а “одговорниот“ немаше коментар (што би требало да следува како негова ДОЛЖНОСТ), а старецот плашејќи се од сопствената смрт, реши да го УСМРТИ ЗЕЛЕНИОТ ЖИВОТ ВО МОЈАТА УЛИЦА! Да не спомнувам за електричните проблеми кои ги создадоа, “неколкуте“ испокинати и уништени електрични кабли кои во моментот се санираат од други служби, затоа што беше очигледно дека се работи без концепт, без стратегија и еспресно брзо за да не стане “голема“!



Иако не знам како функционира оваа месна заедница, јас сум ДЛАБОКО УБЕДЕН дека станува збор само за овој екс-ју фраер, а истата (освен за константните поделени избори, кога се собираат пред “кооперација“) нема ни просторија, ни луѓе, ниту логистика, освен можеби некоја заборавена куцачка машина “која учтиво и одговорно“ се чува во некој подрум.
ЖАЛ МИ Е ДЕКА ЗА ОВОЈ ЧИН НИКОЈ ОД НАС НЕ БЕШЕ ИНФОРМИРАН, а уште повеќе ми е жал дека ми го УБИЈА единствениот спомен од татко ми, единственото нешто кое заедно го направивме за нашата улица, а уште повеќе дека сите комшии заедно сето тоа го одржувавме. Но, не грижи се тато, доаѓа нова пролет ЈАС повторно ќе посадам нови дрвја, затоа што ова не е битка за пари, ова е битка за поздрав и почист живот, кој од денес за неколку проценти или индекси е намален!




Јас сум човек кој во моментот може оваа информација да ја проследи до неколку медиуми (нема да го направам тоа, старите велат: “по е*ње каење нема“, но пред се сум човек кој многупати во мојот живот (волонтерски) сум помогнал и ќе помагам во најразлични ЕКО акции (во Струмица, но и во светот), од чистење шприцови, дезинфекција и дезинсекција на одредени клучни места, почистување, садење, прв сум кој заедно со уште неколкумина пред две (2) години го изненадивме градот и општината со нашата герила акција за позеленување на централното градско подрачје, а исто така учествував на ист таков проект во поголеми размери со 5 такви акции во 2014 година, кога заборавени централни делови беа разубавени креативно, но и посадени со нови дрвца, а ДЕНЕС бев сведок на ова нехумано, нетолерантно однесување кое ни дојде како “гром од ведро небо“. И не, не станува збор за освежување на дрвјата (што е најчесто оправдување кога исчезнуваат зелени површини), туку станува збор за целосно соголување!

НЕ ЗА УНИШТУВАЊЕТО НА ЗЕЛЕНИЛОТО ВО МОЈАТА УЛИЦА, НЕ ЗА УНИШТУВАЊЕТО НА ЗЕЛЕНИЛОТО ВО МОЈОТ ГРАД, НЕ ЗА УНИШТУВАЊЕТО НА ЗЕЛЕНИЛОТО ВО МОЈАТА ДРЖАВА, НЕ ЗА УНИШТУВАЊЕТО НА ЗЕЛЕНИЛОТО НА МОЈАТА ПЛАНЕТА!



p.s. Ова е мој приватен (личен) профил, така уште сега се оградувам од користењето на оваа објава и нејзино манипулирање во било каква политичка конотација, а и можните дискурси кои ќе ги поведе истата, вклучувајќи ја мојата тага и револт. ЧОВЕЧНОСТ ПРЕД СЕ`!

 
on Saturday, January 3, 2015


"Човекот е минлив. Можеби е така, но ајде да умреме давајќи отпор, дури и ако нашата судбина е целосно уништување, ајде да не се однесуваме како тоа да е праведно!" (Оберман, писмо 90).



.да кажам дека ми е јасно што некои старци, а не толку старци, секоја година се пикаат во мин. за култура за финансиска поддршка на нивните дела е ок, и го разбирам. можеби луѓето си мислат дека ќе ги стрефи инфаркт, па ќе си умрат неискажани. но, феноменот кој ги зафатил и младите автори, па некои од нив ги гледам како си го тоалетизираат своето творештво секоја година е дегутантно, во најмала рака, тоа дека некои од “авторите“ оваа година се поддржани и со по неколку дела е одвратно.

- алоо, нели порано велевме, не можеш секоја година да напишеш дело и да е вредно, не можеш секоја година да излезеш на пазар како да си новата сезонска френка, да за жал многумина од вас успешно се индоктринирале во овие финансиски ппроцеси и млатат слама, ама делата буквално можам да ви кажам со актуелна фраза, “не ви се ич со импакт фактор, бре!“. па, некои од децата кои ги посетуваат нашите работилници за креативно пишување пишуваат далеку подобро од вас и јас ги убедувам дека не треба книга секоја година, јас верувам дека вие и самите не си ги читате вашите дела. колку години си? “28“. колку книги/гниди имаш? 400! па, ти види си, макар бил и со едната нула, на ништо не личи. врвни автори во текот на цел живот оставиле само неколку книги, џибран, рембо, музил, но оставиле капитални дела.

програмата на таа институција што треба да поддржува култура во серија потфрли по не знам кој пат, а да, со сета иронија на сите кои поминале оваа година им честитам. а и на тие кои се вработија на 30 декември во многу државни институции без објавени огласи за вработување, оти јебеш му држава, кад постои партија! штета македонче! вие сте демоните во ноќта, иако треба самите со себе да се борите во бел ден, пред огледало!


_________________
Како дете, Едгар Алан По се плашел од ноќта и темнината. Суеверниот скептик, кој се ужаснувал од својата сопствена имагинација, подоцна му признал на уредникот Џорџ Греам дека „не ја сакал темнината и ретко излегувал ноќе“. Во една прилика изјавил: „Верувам дека демоните ја користат ноќта за да ги заведат несвесните – иако, како што знаете“, додал, „јас не верувам во нив“.

Related Posts with Thumbnails