. ..буквите кои притаено излегуваат од устата и се редат како славеи и ластовици по жиците во пролет. Photobucket

:вистината се трупа како тутун, катранот се лепи по нашите души

on Wednesday, December 16, 2015


(откинати парчиња историја кои медиумите ги прескокнуваат, новинарите ги замижуваат, платениците ги игнорираат – а на сиромашниот го соголуваат)


.дали сме тука и дали сме овде, дали постои онаа синергија за која сите кога бевме помлади говоревме. старееме, но се повеќе се губиме, наместо да се пронајдеме.

.менуваме животни маки, оти работа се потешко се наоѓа, а камоли да се менува, да се напредува. се труеме со нечовечка, нетолерантна, демек „духовна“ храна, оти загадувањето на воздухот не ни е доволно. внесуваме расизам, а уште не сме го пребродиле сопствениот национализам, фрламе со камења по кучињата скитници, а нашите родители сѐ уште не чуваат како домашни миленичиња.

Star Wars кампањи и Pray for Paris само по интернет, онака, за да се биде trandy, а на улицата, кога е потребно да се маршира никој нема време, кога протестот е можеби единственото решение кое ни остана, ние наоѓаме изговор дека мораме да одиме на состанок или на кино, заљубени сме или не дај боже - „изгубени во свемирот“. а да, има градови кои немаат ни кино, пристојна галерија, музеј и редовен репертоар во театар, за таквите бунтовници на она што ни се случува оправдувањето се крие во менито на рестораните, кафе баровите, кафаните и уличните прошетки на „зајдисонце“. #РомантикиВоВремеНаПустош

:некогаш е навистина тешко да се соочиш со реалноста, таа е сурова како и самата помисла за иднината, иако таму некаде подалеку наоѓаме прибежиште на нашиот сон и велиме – еден ден ќе биде подобро.


.како мали деца се залажуваме, а како уште помали дозволуваме да не лажат, затоа што на оние кои се опседнати со политика, само лоша политика им се случува. но добро е, поткашлуваме и пак велиме, барем чинијата за вечера не ни е празна – ако не друго повторно ќе се јадат „Вести“ и тоа од сите пропагандни национални канали, за повеќе да веруваме, за да се губиме, оти пак во сатирата на глупоста се крие идеалот за лудоста која ете како е потребна за да се побегне од неподобноста на времето кое не го живееме, туку се почесто го патиме и губиме.

- добро кажа Рамбо Амадеус во последното интервју дека: „национализмот е тема за луѓе со 300€ месечен приход. оние кои заработуваат 500€ веќе разговараat за кафулиња и гардероба. но, доколку се надмиме платата од 1000€ тогаш топ тема за разговор е здравата храна.“ [доколу сметате дека не е правилно напишана неговата изјава, нека биде парафраза - тоа е поентата.]

:дали ни е потребна нова метафорична нарација на политичко-револуционерната еманципација, или како и дрвјата по улиците, плоштадите, кварталите, факултетите и ние преку ноќ ќе почнеме да исчезнуваме?


не сме сами, секојдневно можам тоа да го препознаам во фонијата која е скриена во длабочините на моите мобилни разговори, крадецот на интима не демне, чека момент нож во грбот да ни забие. не слушаат, не снимаат, не сечат, лепат, монтираат. од нас прават лоша историја на новото време, а од нашите поколенија робови на иднината која уште не родени ги закопала, ако не во друго, во долгови со сигурност.


.се фарбаме како кинески возови оставени или заборавени во агендите кои требаше да исперат само тендери, оти пруга уште немаме, а ни желба, ни пари да изградиме – имаме. но затоа властодршците имаат секојдневно за непотребните патувања до Куба, Карибите, Марс или Јупитер, за непотребните станови како од Бога дадени, за автомобили паркирани на паркинзи во празни, но до последен аксесоар и со тренд дизајнирани и уредени куќи, вили и тврдини. народот плаче, народ (ис)плаќа - некој ќе каже тој сам си избрал!

дрско е кога „еднооки“ и емисии слични на нив по неколку пати во епизода ги навредуваат луѓето од село со тоа што на дел од нивните карактери им се обраќаат и ги нарекуваат „сељаци“. ако е тоа врв на хуморот и сатирата кои тие знаат да ги употребуваат јас искрено им посакувам неуспешно пензионирање. доста е од дилетанти кои се робови на нефилтрираните медиумски политики.

- и додека според UNESCO културата станува главен двигател во Европа и светот и креативните индустрии, уметноста, кинематографијата, литературата и сите останати области полека се враќаат на своето заслужено место (или само уште еден симулакрум на Големиот брат), некои овде (уште) креваат рака на жени, додека пак другите кои општеството ги етикетирало како поневажни и со тоа им наметнало чувство на помала вредност уште можеш да ги видиш и слушнеш како неуспешни кафански пејачки – секако додека не се омажат со некој кретен и бидат изложени на истата семејна тиранија и насилство.

како крај на ова мое (новогодишно) блог излагање, едно отворено прашање до угостителите:



.до кога одредени сопственици на угостителски објекти ќе ја дискриминираат турската (или било која друга помала) заедница? иако дел од членовите на овие заедници сакаат да се солидаризираат, сакаат да бидат дел од културно-забавната програма на градот, наидуваат на затворени и „резервирани“ места и маси во одредени објекти, а истите во тие моменти се празни и масите без знак дека се резервирани. очигледно е дека со тоа го игнорирате нивното постоење! зарем парите не се пари (за тие што ги имаат), кога се дадени од било кого за вашите услуги?! знаете, таа е истата таа заедница кај која на секои избори партистките магнати оти добро коленичат и се молат, оти знаете дека градовите се преполовени и тие ги решаваат сите избори до сега!

:побогу државо слепа, дел од тие млади луѓе се студенти на факултет, утре ќе бидат наши адвокати, правници, професори, доктори... зарем заслужуваме ваков деградирачки однос по ова прашање во 21 век?

луѓето не се детектираат и етикетираат според нивната боја на кожата или според нивното верување, туку според нивното однесување. овие луѓе не заслужуваат да бидат дискриминирани!

p.s. знам дека се ближат празници. .. полесна нека ни биде новата година, да употребиме повеќе разум, сила, моќ (како народ) и да не се откажеме. на секое зло му доаѓа крајот, колку подолго е во вртелешката, толку повеќе кога ќе излезе од кругот нема да може да се врати и да се собере. само еден на крај си ги собира гревовите, знаете кој, нели?!?

p.p.s. мигрантите, ах... мигрантите - тие заслужуваат посебно внимание! ;)

0 comments:

Post a Comment

Related Posts with Thumbnails