. ..буквите кои притаено излегуваат од устата и се редат како славеи и ластовици по жиците во пролет. Photobucket

:состојби, бремиња, кампањи...

on Thursday, April 10, 2014


Немам некоја преголема желба да пишувам за ова, но едноставно, на моменти некогаш чувствувам дека сум неодговорен пред самиот себе со тоа што премногу време отстапувам да размислувам во оваа насока, наместо да се посветам на креативно искористување на “можностите“ кои ги имам.


Жално е што живееме во држава која и покрај нејзините update-ирани архитектонски постигнувања, покрај акрилните розови приказни кои се сликаат врз нашата гео-карта, стратегијата која се применува на дело проверено не дава добри резултати.


 Секојдневно читаме и следиме луѓе, познати и не толку познати, кои дишат на шкриги, кои “фучат“ како волови кои губат непотребно многу пари на сопствените берзи, гледаме јавни закани, толерираме шунт, а кичот, тој стана дел од нашата народна носија.

.додека во македонија народните, па и “бизнис“ парите се трошат за митинзи, кампањи, огномети и избори генерално, а гладниот народ се бори со надеж да најде 12/ 14 часовна работа, евтина, но сепак работа.. еве, во Шведска администрацијата ќе работела по 6 саати дневно. тоа е, ептен сме напредни, кога веќе говориме за прогресот на државата.
 
Од друга страна на народот (можеби) тоа му одговара, оти речиси секој од нас делува како “нафта која чека да се истури“ врз веќе разгорен оган, речиси секој од нас сака да биде црешата на торта направена само од брашно и вода, без млеко, без бисквите, без суво овошје.. пециво, не знам, не се разбирам од правење торти, за тоа треба да се има пари, а и солиден шпорет, кујната ми е страв и да ја замислам, но да, брашното и водата сепак се нашиот леб насушен.  ..

Секој оној кој би можел да биде (и е) фактор во државата, кој може да влијае на промената на свеста на “толпата“, сеуште си ги “ишка“ сопствените муви од главата, за жал, не дава сигнали на живот, на волја да си влијае на сопствената промена, на желбата да биде “влијателен“, онолку колку покажува со сите негови “следбеници“ кои како слеп за стап се фатиле, а не важно ни во каков правец тргнале, ниту за каква кауза (за)почнале да се борат.



Никој или ретко кој (чест на исклучоци) се обидува да го направи своето место на вегитирање подобро, поубаво, посреќно.. туку, како и повеќето социјални (друштвени) селебрити ликови, својот профил го користи за мрчење, истурање на стереотипи и комплекси, а толпата тоа го џвака и супер им е. Така велат било најубаво: двете страни задоволени... и “вампирски нахранети до гуша“. 

Смешно е да се зборува како младите не смеат да имаат партиска книшка за да можат да се вработат или развијат, посебно кога и старо и младо имаат книшки, а малкумина се оние кои се независни, а речиси и ги нема.. Се поретко се среќаваат луѓе кои не се партиски определени и не агитираат по одредена лекција. Треба заедница која ќе промовира слобода, а не партија која ти вика биди тоа што си, но во сенка се труди да го изнуди тоа за кое е и основана. биде таква.. Мегафоните ечат со пароли - биди си тоа што си, но во суштина под маса ти викаат: МОРАШ да земеш книшка, оти џабе ти е се`...

Жалната вистина е веќе транспарентна, а со тоа и “поголема“, сега секој може да знае кој колку пари “инвестирал во партијата“, а со тоа и колку работни места го “следуваат“ после изборите. Туку, не ја разбирам суштината на медиумските памфлети: “иселувањето на младите“, како ни “незаинтересираноста на младите“, “немукаетноста, неспособноста“, не сакам да ја разберам маркетиншката замка со која независно од страната/ бојата за која “одработуваат“ сами си пукаат во колено. Такви што заминувале или биле незаинтересирани ги имало секогаш, повеќе ме иритира пасивизирањето на оние што сакаат и имаат капацитети да бидат активни граѓани, т.е. наметнување на “лабилност во нивните критериуми и став“, во стилот: абе ајде, па толку ли ти е важно да бидеш “независен“ (?!)

Воздржи се, не се нервирај, сега ќе заврши платената партиска програма. Озурпација на медиуми, недостаток на етика, морал, недостаток на основни принципи, (не)писменост.. голема тема, друга тема, ВАЖНА тема!



Се повеќе читаме непотребни: дебакл, скандал, екслузивно, неверојатно - kill d messenger!

Би рекол: дај бе луѓе опуштете се и практикувајте малку љубоВ.. (((омммм))) да му е жива и здрава козата на комшијата, ((((ауууоооомммм)))) да му се живи и здрави децата на газдата, (((((((оууумммм))))))) ....

Ми се наметнува страв и недоверба дека спокој и трпение недостасува, а и голема желба меѓу сите нас да биде поубаво. Покажуваме со прст, обвинуваме, етикетираме, “некои заборавија, некои игнорираат, некои..“ Се додека се кажува нешто во формата “некои“, а не во јас.. продолжуваме да одиме до јадрото на Адот, се спуштаме полека низ круговите удолу со нови и модерни лифотви, но тоа не ја менува суштината на дестинацијата која несомнено сами сме си ја одредиле, не го менувама фактот дека билетот во еден правец сами сме си го купиле. Не можеме да го промениме надворешното додека не го промениме внатрешното... јадро.

Говорот на омраза се зголемува правопропорционално со отварањето на новите домови на мравките на метар квадратен. Се повеќе прашина, наспроти активни двигатели кои поместуваат општествени текови, се повеќе вулгаризми, нетрпеливост, без никаква визија што се би изродило тоа во (блиска) иднина. Си го го “шамариме“ умот со изветвени фрази, со “антиквизација“, со стари како библија ставови за името и народот, со очајна потреба да се говори за јазикот, а носителите на јавни функции заборавиле што е тоа правилно акцентирање. Слепо стадо понесено од мирисот на волкот преправен во “пеперутка“, (микро)асфалтирање на патот по кој основните стандарди ни се пореметени, сведоци сме на девалвација во секој поглед.



p.s. ова е само сопствен #reminder, да знам каде сум, за другите знаете како викаат старите: големи сте, “знаете што треба да (на)правите“.

p.p.s. процесот на лечење продолжува. се враќаме на билките на баба рада и стандардите во лечењето на доктор Оз.


0 comments:

Post a Comment

Related Posts with Thumbnails